| |
| Бадијалџи или бидичалги е слоганот на проектот „Жива традиција, поврзување на чалгијата со современата македонска музика“, во организација на Оркестарот Пеце Атанасовски и на издавачката куќа Профундус. Проектот започна да се изведува во јуни 2005. година, а ќе трае до истиот месец во 2006., благодарение на финансиската поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија. Во овој период, во рамките на проектот, Оркестарот ќе организира Школа за чалгиска музика, започнувајќи со еднодневен семинар, продолжувајќи со редовни работилници за позаинтересираните, седумдневна интензивна едукативна дружба со домашни и светски реномирани познавачи на ориенталната музика, одбележувајќи го крајот со концерт. Покрај ова, Оркестарот ќе издаде цеде со чалгиски песни и ора, а ќе биде изработен и промовиран документирана филм за чалгијата. Веруваме дека овие активности ќе придонесат кон создавањето чалгиска секција во рамките на Оркестарот, за да провоцира со своето присуство целенасочено користење на македонскиот музички јазик во современата македонска музика. |
|
|
| |
| Зборот чалгија буквално значи музика, свирка . Сепак, во македонската музичка традиција чалгијата се врзува за конкретен состав од музичари со специфичен инструментариум, кој исполнувал староградски традиционални музички творби. Чалгиските состави во Македонија се појавиле некаде во 19 –тиот век, а својот развој и подем го доживуваат во 20-тиот век. Чалгискиот инструментариум по себе: канун, ут, дајре и лаута од една страна, но и виолина и кларинет од друга, сведочи за природата на Македонија и за нејзината култура како мост помеѓу Ориентот и Западот. Сепак, неверојатно оргиналните, богати и исклучително многубројни музички облици и форми во неа, создадени во период од само век и половина, сведочат за музички кавалитет многу повреден од тој кога чалгијата би била само „копија на турскиот музички израз“, за што некои ја сметаат. Музичките и ритмички структури во неа се изнедрени од македонскиот музички народен јазик, кој во градот дошол во допир пред с e со византиското црковно пеење , со турската класична музика, но и со народната музика на сите етникуми што живееле на тлото на Македонија. Во една таква духовна констелација, македонскиот мелос изродил еден совршен оригинален музички израз – изразот на македонската чалгија. |
|
|